Adminisrator™

Интернет-јасновидци

Rate this Entry
Корона вирусот не постои! Земјата е рамна! Вакцините предизвикуваат аутизам кај децата! 5G мрежите се смртоносни! Корона вирусот е создаден во тајни лаборатории, за да мораме да се вакцинираме и притоа да ни инјектираат чип со кој ќе нè контролираат! Со 5G мрежите ќе ни ги управуваат мислите! Луѓето не се спуштиле на Месечината! Авионите со кемтрејловите нè запрашуваат со алуминиум, за да се намали населението на Земјата!
Кој ги смислува и ги шири овие теории на Фејсбук, Твитер, на интернет? „Интернет-јасновидците“ – вели Илијанчо Гаговски во својата колумна на оваа тема.[/FONT]
Меѓу луѓето секогаш имало поделби: „леви“ vs. „десни“, работници vs. капиталисти, конзервативци vs. авангарда, комунисти vs. фашисти, космополити vs. националисти, една нација vs. друга нација, религиозни vs. атеисти, религиозни vs. други религиозни, бели vs. помалку бели итн. Иако многу од овие поделби биле и/или се многу длабоки, човештвото научило да живее и да се справува со нив, повеќе или помалку успешно. Но, веќе некое време, можеби 10-15 години, сведоци сме на еден нов процес на поделба на човештвото (јас би ја нарекол „големата поделба“) на два жестоко спротивставени и жестоко различни табори, поделба со која сè уште не знаеме како да се справиме, а која се заканува да ја уништи цивилизацијата онаква каква што ја познаваме. Оваа нова поделба е подлабока од која било поделба со која досега сме се соочиле и има (како ретко кога низ историјата) глобален опфат и огромно влијание на секојдневниот живот на (речиси) секој човек на планетава. Оваа нова поделба е поделбата околу дефиницијата на најважниот од сите ресурси со кои располагаме – здравиот разум.
Поделбата е толку длабока, што едната со другата спротивставена страна дури и се нарекуваат различно. Оние кои спаѓаат во групата што својот светоглед го формира врз основа на општоприфатената научна мисла и кредибилни и вкрстено проверени информации од mainstream медиумите, себеси (најчесто) се нарекуваат „нормални“, а оние „другите“, кои својот светоглед го засноваат на теории на заговор, неприфатена и/или квазинаука и „информации“ (или „лупетања“) од сензационалистички „медиуми“, најчесто ги нарекуваат „забегани“ (што е „најнежниот“ израз во овој контекст). Но, истовремено, луѓето што припаѓаат на вторава група, СЕБЕСИ се нарекуваат „нормални“ или дури „освестени“, а „другите“ (најчесто) ги нарекуваат „овци“ или „комуњари/глобалисти/сатанисти со испрани мозоци“ (и ова се, пак, „најнежните“ изрази во овој контекст). Поедноставно кажано, двете групи се сомневаат во здравиот разум на „другите“.
Ајде збор-два да скршиме токму во врска со верувачите во теории на заговор, во неприфатена и квазинаука и во сензационалистички медиуми. Прво, предлагам да воведеме нов назив за нив – име кое ем точно ги опишува, ем не е цела реченица, и не е навредливо како „забегани“. Јас отсега ќе ги нарекувам „интернет-јасновидци“. Интернет-јасновидецот се чувствува „освестен“ – не, тој веќе не е дел од „стадото“ кое верува во она што го сервираат mainstream медиумите (ова под претпоставка да знае што значи mainstream – ако не знае, што е прилично веројатно, тогаш само „медиумите на Сорос“) – тој (или таа) во еден момент „прогледува“ и одеднаш сè му е јасно!!! „Маглата на масовната хипноза“ за него одеднаш се крева и погледот му допира до дотогаш невидени далечини (до крајот на „рамната земја“?) и длабоко до „суштината на нештата“!!!
Но, шегата настрана, феноменот на масовната појава на интернет-јасновидци воопшто не е наивен. Додека се фокусираа на тоа дека земјата е рамна, дека „некој“ нè запрашува со алуминиум преку кемтрејлси, дека владите ја кријат „вистината“ за вонземјаните кои веќе дошле и оствариле контакт со нас или дека Американците го „лажирале“ слетувањето на Месечината. Дури беа и забавни – некои од нивните верувања, иако ги резилеа нив лично, не можеа да направат некоја сериозна штета, па лабаво можевме да (им) се смееме на будалаштините со кои се занимаваа. Но, „ѓаволот ја однесе шегата“ кога почнаа да го негираат глобалното затоплување, да ги демонизираат вакцините или, по најново, да ја негираат убиственоста (или дури постоењето) на корона вирусот и ИСТОВРЕМЕНО да веруваат дека вирусот е „создаден во лабораторија“ и/или „засилен“ со 5Г-технологијата. Ваквите „верувања“ имаат директни последици на секојдневниот живот и на „нејасновидците“ (или по нивно – „овците“) – имено, таквите ставови директно го загрозуваат долгорочниот изглед за одржлив развој на човештвото и/или директно го загрозуваат здравјето на заедницата.


Главните прашања кои ни се наметнуваат во овој контекст се, значи, причините за епидемијата на интернет-јасновидството и прашањето кои се, всушност, интернет-јасновидците? Се разбира и прашањето, како да се однесуваме со нив?
Причините за епидемијата на интернет-јасновидство ги лоцирам во четири фактори: консумеризмот, стравот од непознатото, криза на личниот идентитет и гневот на „малиот човек“. Сите четири фактори својот корен (најчесто) го влечат од недоволното ниво на образование во комбинација со Данинг-Кругеровиот синдром (wikipedia за детали, а во принцип, ситуација кога човек толку малку знае за нештата, што станува самоуверен дека знае сè, дури и ако дознае една ронка од планината сознанија потребни да се разбере некој феномен – накратко, кога човек не знае колку не знае).
[FONT=Arial]Основниот проблем мислам дека потекнува од забрзаниот ритам на живеење, заради кој многумина очекуваат реализација на своите желби сега и веднаш (instant gratification култура), заради тоа што на телефонот секој ден ги гледаат оние на кои тоа (често само навидум) им успеало, па нив ги идеализираат (ако се на Instagram, Facebook или Youtube) или ги демонизираат (ако се на LinkedIn, т.е. ако на кој било начин успеале, без да си го покажуваат газот на Instagram или да „трескаат“ непроверени глупости на Facebook или на Youtube). Оваа култура исто така подгрева една друга појава – стравот да не се пропушти нешто од огромното мноштво опции кои многумина ги доживуваат како да им се на дофат (FOMO – „Fear Of Missing Out“). Кога овие два концепта ќе се насочат кон личната потрошувачка, го создаваат идеалот на капитализмот – забрзано потрошувачко општество. Но, човекот секогаш бара и „нешто повеќе“, па и најпосветениот консумерист по некое време ќе почувствува празнина – празнината на недоволното знаење за тоа како всушност функционираат нештата. Но, нашиот консумерист не сака да инвестира многу време да ги дознае суштинските одговори – тој сака едноставни одговори, сега и веднаш, за да, нели, не пропушти нешто што би можело да му „налета“ во меѓувреме... Консумеризмот е иницијалната каписла и за кризата на личниот идентитет, која се поттикнува низ претворањето на човекот во „консумент“ (ова е малку посложена појава, но да се задржиме на оваа димензија во моментов), стравот од непознатото го поттикнуваат кризите (како оваа со корона вирусот), а сите овие фактори заедно го предизвикуваат „гневот на малиот човек". Од напливот на информации и (испуштени) опции кои не може да ги „соџвака“, тој почнува да се чувствува немоќен и бара виновници за оваа своја состојба – не им верува на експертите (зашто не ги разбира), го мрази естаблишментот (кривецот за неговите проблеми) и бара одговори – брзи, разбирливи, опипливи... Тука стапува на сцена недоволното образование во комбинација со „сознанијата“ лесно и брзо добиени од „интернет/Youtube/Facebook универзитетот“ и, voila – добивате орди луѓе кои се убедени дека се експерти за одредена појава, без притоа да се свесни за нивното колосално ниво на незнаење – ги добивате интернет-јасновидците.
Притоа, најголем проблем е што „едноставните одговори“ стануваат интересни за политичките елити. Внимавај, ако им дадам едноставни одговори на масата интернет-јасновидци, јас станувам „нивни човек“ – ќе гласаат за мене!!! Најчесто за едноставни одговори на сложени прашања се решава политичката десница... Затоа, во политичка смисла, интернет-јасновидците, речиси без исклучок се обожаватели на Трамп, Ердоган, Орбан и Путин, во комбинација со поддршка за Брегзитот и силен евроскептицизам, мразат сè што мириса на „глобално“, а до небо го воздигнуваат „националното“ и „историското“... Тие се борат за правата на „народот“, иако истовремено обожаваат автократи и/или диктатори – „мала неусогласеност“ што би се рекло...
Kategorije
Uncategorized

Comments

  1. Adminisrator™ avatar
    Притоа, да не се разбереме погрешно (мала дигресија) „малиот човек“ од пред еден параграф, не е обврзно сиромашен и/или необразован. „Малиот човек“ е оној кому не му е удобно во својата кожа. Тој може и да е навидум реализиран човек, (донекаде) образован и успешен, но со длабока несигурност во врска со својата лична вредност и со голема потреба некаде да „припаѓа“ – за да добие верификација за таа своја нејасна „вредност“. „Малиот човек“ станува интернет-јасновидец затоа што не е подготвен да се соочи со себеси, не е подготвен да преземе одговорност за своите постапки и за својата состојба, тој бара виновници за внатрешната празнина со која се соочува, надевајќи се дека омразата кон „моќниците кои му го загорчиле животот“ и заемната потврда/прифаќање (за теориите на заговор, на пример) од групата на којашто сега припаѓа, ќе му ја пополни таа празнина... „Малиот човек“ најчесто се оној тип луѓе кои се жалат дека ќе постигнеле многу повеќе во животот, само да не ги „мразеле“ професорите и шефовите и/или да не им „љубомореле“ пријателите и/или непријателите.... sounds familiar?

    Значи, кои се интернет-јасновидците?
    Јас се обидов да ги класифицирам.
    1. Природно глупав – неписмен. Ништо не разбира, ни темата за муабет, ниту нејзината сложеност, ниту предложените „решенија“, но „знае“ дека „нè лажат“ и дека конечно го нашол изворот на „вистината“... GOLEMIBUKVI без интерпункција... школо основно, можеби и средно... може да бидат забавни, но знаат да бидат и агресивни... батали ги...
    2. Учен-недоучен – полуписмен. Многу слично на претходниот, со мааалку подобра интерпункција. Овој може да има и факултет или магистратура, купени „поволно“. Сега мисли дека затоа што има диплома, може и да дискутира... жално за гледање. Mоже да ги р’чнете, но штом изнесете несоборливи аргументи, многу брзо муабетот поминува во лични навреди.
    3. Нереализиран гениј – „I could have been a contender“. Овој го разбира проблемот, ја разбира сложеноста, но ете сака едноставни решенија (до какви што достигнува, сложените концепти му се too much). Образован е и често успешен во тоа што го прави, но не е задоволен од себеси... можел повеќе... тој требало да биде естаблишментот, а не таму некои ојлевци-дојлевци... затоа е против – против сè... „антиспротивен“... најчесто е културен во муабетите, но е многу pasive-agressive. Иако најчесто е интелигентен, проблемот му е што мисли дека е попаметен од што е... пошто „I could have been a contender“... но не е, и има добри причини за тоа, причини кои самиот нема никогаш себеси да си ги признае.

    4. Позер – најчесто „урбан лик“ кој погрешно мисли дека кафеанските зафрканции во кои блеска го прават квалификуван да се меша во муабет со „возрасните“. Темите не го ни интересираат, впрочем овие се многу површни ликови, го интересира да се покаже „интересен“, како на маса во кафеана... да ќари некое лајкче... безопасни и здодевни.
    5. Покондирена тиква – Јелена Ѓоковиќ, на пример. Успешен и/или богат лик, кој сега би сакал да се покаже колку е паметен... но не е... и излегува смешен. Интелектуалното ниво му е максимум меѓу 2 и 3 од класификацијата. Опасни се затоа што се познати и можат многу да влијаат на ширењето на интернет-јасновидството, особено кај број 1, 2 и 4 од класификацијава... Број 3 не ги сака, затоа што „ТОЈ ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ НА НИВНО МЕСТО“!!!!
    6. Пропаднат авторитет – овие се опасни, овие ги креираат заблудите... другите главно ги пренесуваат. Овие се образовани и реализирани по сите основи и во одреден момент биле вистински авторитети во одредена област... и тогаш нешто им се случува и луѓево поминуваат на „другата страна на огледалото“, непрепознатливи во однос на тоа кои биле претходно. Највидлив пример е професорот и нобеловец Лук Монтање (Luc Montagnier). Човеков го открил ХИВ-вирусот и за тоа има добиено Нобелова награда во 2008 година, за веќе во 2009 да почне да се занимава со испитување на „радиобранови емитувани од бактериска ДНК“ кои се поврзуваат со некакви „наноструктури“ во екстремно разредени раствори кои го „паметат“ патогенот и можат да го „рекреираат“. Ниту една лабораторија не успеала да ги повтори/потврди неговите експерименти, а научниот труд бил објавен во списание кое не е peer revieved, а во кое самиот Монтање бил уредник. Во принцип, човеков ја прифати хомеопатијата како валидна „наука“. Проблемот е што хомеопатијата е целосно отфрлена од огромното мнозинство на научниот свет како квази наука или поточно, шарлатанство. Но, заради неговата историја, дури и ваквите тотално неиздржани тврдења, се одлично „гориво“ за теориите на заговор.
    7. Бизнисмен – овие се најопасни... за нив интернет-јасновидството е бизнис. Овие се „најплодните“ креатори на теории на заговор, кои ги измислуваат, а потоа за нив пишуваат книги и држат предавања. Највидлив пример е Дејвид Ајк (David Icke), сериозно забеган човек кој се продава како „висок првосвештеник“ на интернет-јасновидството. Лесно се разобличуваат (debunking), и тоа треба да се прави, за да не им се дозволи да заведат уште поголем број луѓе на патеката на интернет-јасновидството.
  2. Adminisrator™ avatar
    Што да се прави во врска со интернет-јасновидците, и зошто?
    Прво – зошто? Проблемот е што веќе не можеме да си дозволиме да ги игнорираме – тие денес стануваат многу опасни заради тоа што ги има толку многу. Заради тоа што ги има многу, стануваат интересна целна група за политичарите, кои почнуваат да им се додворуваат со политики скроени така што да се вклопат во светогледот на интернет-јасновидците. Таквите јавно искажани ставови на (некои) политичари, потоа се користат како „аргументи“ за јасновидската „кауза“ (која и да е)... и кругот (на лудилото) си врти. Дури се свестиш, светов полудува и почнува да функционира според согледувањата на фризерката Жане, таксистот Митре и видно забеганиот професор со голема коса, игнорирајќи ги ставовите на неброени докажани инженери, доктори, социолози, правници, економисти итн. – само затоа што интернет-јасновидците се толку многубројни и гласни.

    Второ, како? Еве едно мое искуство за тоа како НЕ треба да му се пристапи на интернет-јасновидец. Мој близок човек, кој навистина го сакам, пред некоја година ме изненади со една патем дадена изјава дека не верува оти Американците биле на Месечината. Јас, како пасиониран астроном/астрофизичар аматер, веднаш се запалив, па почнав со објаснувања и разобличувања на сите митови од таа теорија на заговор. По едно 45 минути, се соочив со пораз! Ми вели – „може сè ова што ми кажуваш и да е вистина, но јас САКАМ да верувам во оваа работа!“
    Подобар начин на пристап кон интернет-јасновидец е да му поставувате прашања, особено за СМИСЛАТА на теориите на заговор во кои верува и за тоа КОЈ и КАКОВ интерес има од нив? По некое време, ќе може да му ги предочите контрадикторностите во неговите одговори и ако не е сосема изгубен случај, може за некои работи и да го смени мислењето.
    Но, тешко дека ваквите поединечни мали „победи“ ќе направат некоја разлика во однос на „големата поделба“. Колку и да е жално да признаеме, интернет-јасновидството е форма на зависност, заради тоа што тоа станува темелен елемент на личниот идентитет на некои луѓе. Истиот човек кој вчера некако разбрал дека нема никаква смисла ниту шанси да се лажира слетувањето на Месечината, уште утре ќе се „фати ко клен на јадица“ на следната теорија на заговор што ќе му ја сервира соседот Славе.
    Проблемот е многу подлабок.
    Решенијата се (најверојатно) во активности во четири области:
    1. Образование – колку што е можно поквалитетно образование за поголем број луѓе, особено во природните науки. Имаме многу нови технологии на располагање, но за повеќето луѓе тие се еднакви на магија, бидејќи ВООПШТО не ги разбираат. Затоа и релативно образовани луѓе можат лесно да проголтаат некои небулози (како на пример за тој фамозен 5G) кои не поминуваат кај кој било што има макар основно знаење од физика на гимназиско ниво. Технолошката писменост на човештвото мора да се подигне на повисоко ниво, глобално, за барем базично, концептуално, да ги разбираме „играчките“ што ги имаме во рацете и кои практично стануваат екстензија на нашите сетила и сознанија. Ефективно, стануваме киборзи, а тоа не го разбираме.
    2. Темелна реформа на капитализмот, со цел да се намали јазот меѓу ултра-богатите и сите останати. Имам идеи на оваа тема, но за нив е потребно барем уште едно олкаво писание... па да ги оставиме за натаму.
    3. Темелна реформа на демократијата како систем – важи исто како за претходната точка... Да не почнувам, некогаш ќе ги срочам и овие идеи во некое писание
    4. Сузбивање на „културата“ на „лажни вести“ и „алтернативни факти“ – немам поим како, можеби со реформите од точките 2 и 3 и со ТВ-емисии, портали и списанија со научно-популарни содржини.
    Очигледно, ги немам сите одговори, не сум сигурен ниту дали ги знам сите и/или вистинските прашања... Затоа, пак, повелете со ваши идеи и/или дилеми...

    Заклучок
    Човештвото е пред тешка, долга и неизвесна борба за опстанок на здравиот разум. Прашањата од типот на третирањето на заразни болести и третманот на човековата околина (глобалното загревање, на пример), кои се често во центарот на оваа борба, директно ќе влијаат на шансите за долгорочно преживување на човештвото... нека ни е со среќа!!!

    П.С. Некој веројатно ќе рече: „Од каде пак сега ти ни солиш памет кој бил каков и кој што треба да прави!“ Ова се мои размисли, врз основа на долгогодишно набљудување на она што се случува во светот и логичко размислување во врска со тоа. Сигурен сум дека се можни многу други и поинакви размислувања. Ова е моето, ако имате свое, бујрум срочете го во слична форма. И, да, се сложувам, добар дел од наводите се опфатени само површно, без длабока анализа – е, па, толку е за во една колумна. Темава заслужува цела книга. Којзнае, можеби ќе биде и тоа... да ја третираме колумнава како work in progress, OK? Ако имате конструктивни забелешки, ептен сте добредојдени да ги искажете, па може и нешто повеќе да испадне од сето ова...